Замрзнати коловози предизвикаа над 20 сообраќајни незгоди во тетовско-гостиварскиот регион
03/01/2026 13:56
Во текот на изминатото деноноќие, во попладневните и вечерните часови на 2 кон 3 јануари 2025 година, наглото опаѓање на температурите доведе до замрзнување на коловозите во северозападниот дел од државата, при што беа евидентирани голем број пријави од граѓани и возачи.
Според информациите од полицијата, на подрачјето на Тетово се регистрирани четири сообраќајни незгоди со материјална штета. Две од нив се случиле на автопатот Тетово – Гостивар, при што едната била верижна незгода со учество на десет возила. Дополнително, една незгода е пријавена на локалниот пат Пирок – Боговиње и една на патниот правец Тетово – село Требош. За една од незгодите не бил побаран увид.
На подрачјето на Гостивар биле пријавени вкупно 15 сообраќајни незгоди. Во десет случаи увид извршиле полициски екипи, додека за пет незгоди страните се договориле меѓусебно и не побарале интервенција.
Граѓани од Тетово, Гостивар и околните населени места пријавиле замрзнати споредни и локални улици, што дополнително го отежнало сообраќајот. Регионалниот центар за управување со кризи – Тетово стапил во контакт со надлежните општински служби во Тетово, Гостивар и Желино, од каде било потврдено дека се ангажирани фирми за зимско одржување и дека се врши посолување на патиштата според утврден приоритет.
Во општина Гостивар имало отежнато ангажирање поради недоделен тендер, но проблемот бил надминат откако фирмата „Магнум Транс“ доброволно интервенирала и извршила посолување на критичните делници.
Интервенции биле извршени и по пријави од населбите Фазанерија и Циглана во Гостивар, како и од селата Долна Ѓоновица и Корита. Во тетовскиот регион пријави имало од селото Селце под Шар Планина и од повеќе градски улици, по што бил активиран и Кризниот штаб на Општина Тетово.
По пријава за замрзнат коловоз на локалниот пат Желино – Сириќино, ЈКП Желино интервенирало и извршило посолување на критичните делови.
Од Македонија пат информираат дека нивните секции во Тетово, Попова Шапка и Гостивар се постојано на терен и вршат редовно посолување на автопатите и регионалните патни правци. Поради снежни врнежи, на патниот правец Лисец – Попова Шапка е воведена задолжителна употреба на зимска опрема.
По 22:30 часот не се евидентирани нови пријави од граѓани.
Надлежните апелираат до сите возачи на зголемена внимателност, прилагодување на брзината и строго почитување на обврската за користење зимска опрема.





