30 години од атентатот врз претседателот Киро Глигоров, најтемниот ден во младата македонска историја
03/10/2025 10:34
На денешен ден пред точно 30 години, на 3 октомври 1995 година, беше извршен обид за атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, настан кој длабоко ја потресе државата и остана нерасветлен до денес.
Во експлозија пред хотелот „Бристол“ во Скопје, кога претседателското возило се движеше кон Собранието, животот го загуби возачот Александар Спировски, а повреден беше телохранителот Илчо Теовски. Трагично настрадаа и случајните минувачи Христо Христоманов, кој почина од последиците на експлозијата, како и Климе Коробар и Јован Атанасовски кои беа повредени.
И покрај тешките повреди на главата, Глигоров го преживеа нападот и продолжи да ја води државата во критичен период за нејзината независност и меѓународна афирмација.

Истрагата покажа дека експлозивот бил поставен во автомобил „Цитроен АМИ 8“, во кој биле скриени околу 20 килограми експлозив со стотици челични топчиња – направен за да предизвика масовна смрт. Бомбата, изработена по воени стандарди на поранешната ЈНА, била активирана со далечински управувач.
Тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, изјави дека зад нападот стои мултинационална финансиско-економска групација со седиште во една соседна земја. И покрај огромната истрага – со претреси на над 30.000 возила, легитимирани речиси 188.000 лица и вклучување на тајните служби на САД, Германија и Велика Британија – извршителите и организаторите никогаш не беа откриени.
Глигоров подоцна напиша автобиографска книга „Атентат, ден потоа“ (2002), во која детално се осврна на нападот и неговите последици.

Првиот претседател на независна Македонија почина природна смрт на 1 јануари 2012 година, на 94-годишна возраст. Но, 3 октомври 1995 останува запаметен како денот кога младата македонска држава ја почувствува најсериозната закана за своето постоење.





