MKinformer

your daily dose of news

МК Информер од терен ВО ЖИВО: Пукнатата цевка во Влае ставена под контрола

06/10/2025 7:32

Екипа на МК Информер ноќеска беше на терен во скопската населба Влае, каде што пукна главната водоводна цевка со дијаметар Ф-400. Нашиот тим емитуваше во живо од местото на настанот, при што беше прикажана реалната состојба и штетата на терен.

На местото веднаш излегоа екипи од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, кои започнаа со санација на дефектот, а неколку минути потоа пристигна и градоначалникот на Општина Карпош и кандидат за нов мандат, Стевче Јакимовски, кој ја следеше состојбата и работата на екипите.

Од претпријатието информираа дека цевката е затворена, а се пуштени бајпас линии, со што граѓаните на Скопје нема да почувствуваат недостаток на вода. Истовремено, од ЈП „Водовод и канализација“ ги демантираа шпекулациите дека има поплавени куќи и објекти во делот каде што се случи дефектот.

Во соопштение до јавноста, претпријатието објасни дека проблемот е настанат поради повеќекратни прекини на снабдувањето со електрична енергија кај бунарите на Лепенец, што предизвикало варијации во притисокот на системот.

„Како резултат на прекините на електричната енергија, настанаа два дефекти на главната водоводна линија Ф-600 и во шахта на Ф-400 на еден од бунарите. Екипите веднаш излегоа на терен и работат на санација со цел целосна нормализација на водоснабдувањето“, стои во соопштението од ЈП „Водовод и канализација“.

Граѓаните се повикуваат на трпение, додека дефектот целосно не се отстрани, а од претпријатието најавија навремено известување за понатамошниот тек на санацијата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!