MKinformer

your daily dose of news

„Не ја политизирајте случката, нема политичко непријателство“, Доктор Шаини проговори по нападот

08/10/2025 18:09

Доктор Зекерија Шаини, кој вчера беше застрелан во еден од најфреквентните делови на Куманово, е пуштен од болница и моментално се наоѓа на домашно лекување.

По нападот што ја вознемири јавноста, Шаини бил пренесен на Одделот за пластична хирургија на Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што му била извршена успешна интервенција. Лекарите потврдија дека неговата состојба е стабилна и дека закрепнувањето може да продолжи во домашни услови.

Во изјава за Алмакос, докторот првпат зборуваше за инцидентот, нарекувајќи го „кукавички обид за убиство“ извршен од маскирани лица. Тој истакна дека нема конфликти или непријателства со никого и апелираше случајот да не се користи за политички цели.

„Бев нападнат на кукавички начин од маскирани лица. Немам непријателство со никого, ниту сум ја допрел нечија чест. Не сакам ова да се политизира, особено во време на избори. Ги повикувам органите на редот што побрзо да го расветлат случајот“, изјави доктор Шаини.

Од Министерството за здравство реагираа со осуда за нападот врз нивниот колега, а директорката на Клиниката за пластична хирургија, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, потврди дека пациентот е во добра општа состојба и дека раните се целосно санирани.

Во меѓувреме, полицијата ја уапси 43-годишната А.А. од Тетово, за која постојат сомневања дека е поврзана со нападот врз нејзиниот сопруг. Се трага и по Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи дека директно учествувал во вооружениот напад и моментално е во бегство.

Откако ќе биде завршена истрагата, против сите инволвирани лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

error: Содржината е заштитена од копирање !!