MKinformer

your daily dose of news

Познат идентитетот на докторот што земал плата од речиси 12.000 евра

05/05/2026 12:30

Македонското здравство повторно е под силен притисок на јавноста. Наместо одговори за долгите листи на чекање и недостапните услуги, во фокусот сега е информацијата дека лекар во јавното здравство земал плата од речиси 12.000 евра за само еден месец.

Ова го отвори прашањето како функционира системот, кој контролира дежурства и дополнителна работа, но и дали некој ја злоупотребува државната каса додека пациентите со месеци чекаат за прегледи и операции.

Огромни разлики меѓу лекарите

Актуелниот министер за здравство Азир Алиу пред две недели излезе со податоци за големи разлики во продуктивноста на лекарите во државните клиники во 2025 година.

Според него, има лекари кои имаат двојно повеќе упати и операции од своите колеги, дури и кога работат во иста установа и во иста специјалност. Тоа, според Министерството, отвора сериозни прашања за распределбата на работата, начинот на управување и можните злоупотреби.

Дополнителен шок предизвика информацијата дека во јавното здравство има лекар кој за еден месец зел околу 12.000 евра плата. Таква сума е далеку над вообичаените примања на лекарите-специјалисти, кои се движат околу 100.000 денари.

Сомнежи за фиктивни дежурства

Премиерот Христијан Мицкоски на седница за пратенички прашања посочи дека постојат здравствени работници кои прикажувале нереална евиденција на работни часови.

Тој рече дека има случаи во кои биле книжеани дежурства како некој да работел 31 ден по 24 часа, без одмор и без пауза. Според него, токму таквите практики доведувале до месечни примања од над 10.000 евра.

Оваа изјава силно одекна меѓу лекарите. Во фелата почна внатрешна потрага по тоа кој е докторот со ваква плата, а истовремено се отвори и дебата дали се работи за реален ангажман или за системска злоупотреба.

Во фокусот анестезиолог од КАРИЛ

Според информации до кои дошол неделникот „Фокус“, станува збор за анестезиолог од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ.

Иако името не се објавува, изворите тврдат дека докторот често бил повикуван и на други клиники поради недостиг од анестезиолози. Но, и покрај тоа, останува отворено прашањето како е можно да се стигне до толкава сума, ако се има предвид реалниот број часови што еден лекар може да ги одработи.

Дополнителен фактор е и дополнителната дејност, која им овозможува на лекарите да работат и надвор од редовното работно време. Но, и тука се поставува дилемата дали сè е евидентирано законски и дали системот трпи поради тоа.

Башибозук во јавното здравство

Министерот Алиу најави дека не ја исклучува можноста за кривична одговорност. Тој соопшти дека веќе се тестира систем за евиденција со отпечаток од прст на две клиники, а истиот треба да се прошири и во останатите здравствени установи.

Според него, анализите покажале фрапантни разлики. Имало лекари кои прегледувале еден пациент неделно, а други и по 100 пациенти во истиот период. Во некои случаи, двајца специјалисти од иста област имале огромна разлика и во бројот на извршени операции.

Од Министерството велат дека имало и установи каде дополнителната дејност се работела двојно повеќе од дозволениот законски минимум. Таквата состојба, според дел од лекарите, покажува дека во системот владее хаос.

Лекарите бараат одговорност, но не и колективна вина

Дел од докторите признаваат дека има злоупотреби, но предупредуваат дека не смее целата професија да биде ставена во ист кош.

Тие велат дека има колеги кои работат одговорно, професионално и во тешки услови, но и такви кои не ги почитуваат правилата. Токму затоа бараат да се лоцираат конкретните одговорни лица, а не сите лекари да бидат изложени на јавен притисок.

Професорот и доктор Нико Беќаровски јавно реагираше дека е нејасно како е можно од буџетот да бидат исплатени 770.000 денари на кој било вработен во јавното здравство. Тој посочи дека дури и со максимален ангажман, сумата тешко може да се оправда.

Филипче во одбрана на лекарите

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше на изјавите на Мицкоски и на најавите за „фингерпринт“ систем.

Тој порача дека е навредливо лекарите да се претставуваат како луѓе што работат на „еликсири“, нагласувајќи дека многу од нив реално дежураат по 24 часа и повеќе денови во неделата. Според него, лекарите имаат право со својата работа да заработат достоинствено.

Филипче ја критикуваше и идејата за биометриска евиденција, оценувајќи дека таквата мерка е понижувачка и дека ја сведува медицинската професија на обична административна контрола.

Клучното прашање останува исто

Случајот со баснословната плата повторно ја отвори болната тема за лекарските дежурства, контролата во болниците и начинот на кој се трошат јавните пари.

Додека институциите бараат решение, пациентите и натаму чекаат услуги, а лекарската фела е поделена меѓу одбрана на професијата и барање одговорност за оние што евентуално го злоупотребуваат системот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!