Се приближува 26 Октомври, подгответе се за зимско сметање на времето
08/10/2025 19:41
Во недела, на 26 октомври 2025 година, точно во 3:00 часот наутро, часовниците ќе се поместат еден час наназад, односно на 2:00 часот. Тоа значи дека ќе спиеме еден час подолго, но деновите ќе станат пократки, а ќе се стемнува порано.
Поместувањето на часовникот има за цел пооптимално искористување на дневната светлина, особено во летниот период. Иако првичната идеја беше да се намали потрошувачката на електрична енергија, новите истражувања покажуваат дека ефектот е минимален. Сепак, поголемиот дел од земјите во Европската Унија и натаму ја задржуваат оваа практика.
Во 2018 година, ЕУ предложи укинување на сезонското менување на часовниците, но земјите-членки не успеаја да постигнат согласност околу заедничко време. Затоа, поместувањето ќе продолжи барем до 2026 година.
Иако повеќе од 70 земји во светот сè уште го менуваат времето, дел од нив веќе ја укинаа оваа практика. Русија, Турција и Белорусија преминаа на постојано летно сметање на времето, додека Исланд, поради својата географска положба, нема потреба да го менува часовникот.
Македонија, како и повеќето земји во Европа, и оваа есен ќе премине на зимско сметање на времето, со што официјално завршува летниот период.



![Ново поскапување преку скалесто плаќање на струјата struja-1-640x427[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/struja-1-640x4271-1.jpg)

