MKinformer

your daily dose of news

Македонија слави: 11 Октомври, денот кога започна борбата за слободна Македонија

11/10/2025 9:10

Денес државен празник и симбол на отпорот против фашизмот

Денес, Република Македонија го одбележува 11 Октомври, Денот на народното востание против  фашизмот, државен празник и неработен ден за сите граѓани. Овој датум претставува еден од најзначајните историски моменти во македонската историја, кога народот храбро застана на страната на слободата и правдата.

Со востанието во 1941 година, започна народната борба против окупаторските сили на Бугарија, Германија и Италија потпомогната од Албанија и се поставија темелите на македонската државност. Македонија не стана квислиншка територија, туку напротив, стана жешко подрачје за окупаторот и даде свој активен придонес во големата победа над фашизмот во рамките на Втората светска војна.


Храброста што ја разбуди слободата

Настаните од 11 октомври 1941 година во Прилеп го означија почетокот на Народноослободителната антифашистичка војна во Македонија. Борците од Првиот прилепски партизански одред ја поведоа првата вооружена акција со напад на бугарската полициска станица (участокот), градскиот затвор и електричните и телефонските врски.

Овие херојски дејствија беа симбол на отпорот и почеток на организираната борба за национално ослободување. Веќе следниот ден, на 12 октомври 1941 година, отпорот се прошири и во Кумановско, каде што беа формирани Карадачкиот и Кумановскиот партизански одред. Тие заедно ја продолжија борбата, изведувајќи акции против окупаторот до 17 октомври 1941 година.


Ден на гордост и сеќавање

Секоја година, 11 Октомври нè потсетува на храброста и жртвата на оние што не се помирија со неслободата. Овој ден е меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ и симбол на неговото достоинство.

Борците од Народноослободителната борба, заедно со прогресивните сили на другите народи, оставија длабока трага во светската историја на антифашизмот и го запишаа македонското име меѓу народите што избраа отпор наместо покорност.

error: Содржината е заштитена од копирање !!