Почна гласањето во затворите, 2.162 затвореници гласаат денеска
18/10/2025 10:55
Точно во 7 часот утринава беше отворено избирачкото место во Казнено-поправната установа (КПУ) Затвор Штип, каде што 221 осудено лице од цела Македонија има право на глас.
Според зборовите на претставничката на изборната комисија Парчаклиева, гласањето започнало навреме и се одвива без никакви проблеми.
„Нашето гласачко место беше отворено точно во седум часот. Вкупно гласачи на списокот имаме 221 и досега гласањето се одвива нормално без никакви проблеми. Во затворот во Штип има осуденици од цела Македонија“, изјави таа.
Согласно податоците на Државната изборна комисија, денеска на ниво на целата држава право на глас имаат 2.162 затвореници. Најмногу гласачи има во КПД Идризово – 938, а потоа следи затворот во Шуто Оризари со 391 лице.
Утрешниот ден, 19 октомври, ќе бидат одржани осмите по ред локални избори во државата. Граѓаните ќе гласаат на 3.474 избирачки места за вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи. На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури. Право на глас имаат 1.832.415 граѓани.






