Онколошки пациент од Скопје осум дена без терапија: „Терапијата ми треба додека сум жив, не кога ќе умрам“
22/10/2025 19:34
Онколошкиот пациент Сашко Стоилов (55) од Скопје веќе осум дена е без својата редовна таблетарна терапија за лекување на карцином на дебелото црево, која ја прима континуирано од август оваа година.
Во изјава за ТВ24, Стоилов ја раскажа својата лична борба со болеста, но и со институционалните пропусти кои, како што вели, резултирале со недостиг на терапија на Клиниката за онкологија.
„Чекавме со часови, а на крај ни рекоа – нема терапија“
Стоилов раскажува дека минатата среда, по три и пол часа чекање во ходниците на Онкологија, дознал дека лекот што редовно го прима — го нема на располагање.
„Терапијата ја примам од август, две недели ја земам, две одмарам, како што кажува докторката. На 15 октомври појдов најнормално, чекавме три часа, и на крај ни рекоа – нема терапија. Кога отидов на шалтер, ми рекоа да оставам телефон, ќе се јавеле кога ќе стигне. Па им реков: кога ќе умрам, тогаш не ми треба терапија. Сега ми треба додека сум жив,“
изјави Стоилов.
Пациентите бараат одговорност
Стоилов упати јавно апел за одговорност од институциите и лицата задолжени за набавка и дистрибуција на лековите.
„Ако некој направи пропуст – магационер, директор, било кој одговорен – треба да одговара. Јас како камионџија ако поминам на црвено и згазам пешак, ќе одговарам. Така и тие треба да сносат одговорност за ова,“
изјави тој за ТВ24.
Многу пациенти, според сведоштвата, се наоѓаат во иста ситуација и веќе неколку дена остануваат без неопходната терапија, што предизвикува сериозна загриженост и недоверба кон здравствениот систем.






