Премиерот на Бугарија Росен Жељасков: имаме еден месец, да одлучиме за иднината на рафинеријата ЛУКОИЛ
24/10/2025 8:45
Бугарската влада има рок до 21 ноември да донесе одлука за понатамошното работење на рафинеријата „Лукоил Нефтохим“ во Бургас, изјави премиерот Росен Железков пред почетокот на самитот на лидерите на Европската унија во Брисел.
Рокот е поврзан со новиот пакет американски санкции насочени кон руските енергетски компании, меѓу кои се и „Роснефт“ и „Лукоил“, пренесува порталот „Новините“.
Железков истакна дека санкциите во моментов нема да влијаат врз производството и снабдувањето со горива во земјата, но предупреди дека поради тоа што повеќе од половина од рафинеријата е во руско сопствеништво, технички таа се наоѓа под удар на ограничувањата.
Според општата лиценца издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (OFAC), неопходните трансакции може да продолжат до истекот на рокот, што ѝ остава на бугарската влада околу еден месец да одлучи какви мерки ќе преземе понатаму.
Бугарската народна банка (БНБ) веќе започна проценка на можните последици од санкциите врз домашниот финансиски систем. Досега, како што соопшти институцијата, не се утврдени ризици кои би можеле да ја нарушат финансиската стабилност на земјата.
Од БНБ нагласуваат дека банките индивидуално ги анализираат своите односи со засегнатите клиенти, при што сите активности се спроведуваат во согласност со националните и европските регулативи, во координација со Министерството за финансии и меѓународните партнери.






