САД повторно ги одложија санкциите за Лукоил овој пат за 6 месеци
15/04/2026 13:06
Санкциите за Лукоил повторно се одложени, откако американското Министерство за финансии го продолжи рокот за склучување трансакции со меѓународната мрежа на бензински пумпи на руската компанија.
Новата општа лиценца е објавена на веб-страницата на OFAC. Според неа, рокот сега важи до 29 октомври оваа година.
Претходно, трансакциите со мрежата на Лукоил во странство требаше да завршат до 29 април. Со новата одлука, САД повторно го поместуваат рокот, овојпат за уште шест месеци.
Санкциите кон Лукоил и Роснефт беа воведени кон крајот на октомври. Вашингтон тогаш соопшти дека целта е да се ограничи буџетскиот капацитет на Русија за финансирање на војната во Украина.
Меѓународната филијала на Лукоил, со седиште во Виена, располага со околу две илјади бензински пумпи во 20 земји. Меѓу нив се и Хрватска и САД.
Американската мрежа на Лукоил опфаќа околу 200 бензински станици. Тие се наоѓаат во Њу Џерси, Пенсилванија и Њујорк.
Санкциите за Лукоил и претходно неколкупати беа пролонгирани. Рокот прво беше поместен до 17 јануари, потоа до 28 февруари, па до 1 април, 1 мај, а сега и до крајот на октомври.
Во посебна дозвола, OFAC го продолжи и рокот за трансакции со бугарските подружници на Лукоил. Меѓу нив е и рафинеријата Нефтохим Бургас, за која исто така новиот рок важи до 29 октомври 2026 година.






