„Анима мунди“ тврди дека над 40 кучиња биле убиени или отруени во Кичево, бараат одговор од Дехари
25/10/2025 11:14
Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бара итна реакција од институциите по шокантниот случај во Кичево, каде за само еден ден биле убиени повеќе од 40 бездомни кучиња, дел отруени, а дел застрелани. Телата на животните биле пронајдени на повеќе локации низ градот, меѓу кои и во близина на основното училиште „Санде Штерјоски“.
Во своето соопштение, активистите изразуваат револт поради, како што велат, целосниот молк од локалните власти. „Два дена молк, без ниту еден збор од градоначалникот Фатмир Дехари, општината или надлежните институции. Како да е нормално да живееш во град опколен со отров и оружје“, наведуваат од „Анима мунди“.
Од здружението предупредуваат дека користените супстанции се опасни и за луѓето, бидејќи можат да предизвикаат смрт за неколку минути, а на дел од убиените животни имало видливи траги од огнено оружје.
„Анима мунди“ бара итна истрага, увид во безбедносните камери и санкции за сторителите, како и јавна одговорност од градоначалникот и општинските служби.
„Не станува збор за изолиран инцидент, туку за организирана ликвидација што потсетува на мрачни практики од минатото. Вакво нешто може да направи само психопат, масовен убиец или институција што го организира тоа“, порачаа од здружението.
Тие го повикаа градоначалникот Фатмир Дехари јавно да одговори дали е прифатливо во неговиот град да се користат смртоносни отрови и оружје, како и зошто „Кичевски Комуналец“ ги собрал и отстранил телата без присуство на полиција и без истрага.
„Анима мунди“ потсетува дека Кичево со години се соочува со проблемот на прекубројни бездомни животни, но нагласува дека насилството не е решение. Според нив, општината издвојува околу 20.000 евра годишно за справување со проблемот, додека 115.000 евра се исплаќаат како обесштетувања за каснувања, „и реални и лажирани“, што, како што велат, претставува злоупотреба на јавни пари.
Од здружението упатија јавен повик до Обвинителството и МВР да покренат постапка и да воспостават институционална и индивидуална одговорност, а инспекциските служби да излезат на терен.






