Скопје во шок: Камион истури ѓубре среде булевар, „акцијата за чистење“ заврши во хаос
28/10/2025 22:38
Денеска околу 14:30 часот, на раскрсницата помеѓу Булевар Србија и Булевар Борис Трајковски во Скопје, се случи необичен инцидент кога камион истури голема количина на ѓубре, предизвикувајќи хаос во сообраќајот и згрозеност кај минувачите.

Според неофицијални информации, отпадот бил собран на територијата на Општина Центар во рамки на неформална и, како што се тврди, неовластена акција за чистење која ја организирал Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник од партијата ЗНАМ.
Очевидци велат дека возачот на камионот, непосредно пред да го истури товарот, се расправал на телефон. Се претпоставува дека тоа го направил по расправија околу неплатен превоз на собраниот отпад.

Инцидентот предизвика застој на сообраќајот и силни реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните коментираат дека „ова е слика на целосна неорганизираност и импровизација“. Надлежните служби интервенирале и го расчистиле отпадот во 18:00 часот, а случајот се испитува.






