МВР алармира: Во мај регистрирани 191 кривично дело за семејно насилство
05/06/2026 16:37
Во текот на мај 2026 година биле пријавени вкупно 191 кривично дело за семејно насилство, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според МВР, тоа е зголемување од 70,5 проценти во споредба со истиот месец лани.
Најголем дел од делата биле за „телесна повреда“ – 130 случаи, како и за „загрозување на сигурноста“ – 52 случаи. Во истиот период биле евидентирани и потешки кривични дела, односно едно убиство на подрачјето на СВР Битола и две тешки телесни повреди.
Најмногу случаи во Скопје
Најголем број од кривичните дела од семејно насилство биле пријавени на подрачјето на СВР Скопје, каде се евидентирани 62 случаи.
Поднесени 137 кривични пријави
Во текот на минатиот месец МВР поднело вкупно 137 кривични пријави. И оваа бројка бележи раст, односно зголемување од 71,3 проценти во однос на мај 2025 година. Мерки на кривичен прогон биле преземени против 144 сторители, додека како жртви се евидентирани 143 лица.
И брзи постапки и притвор
Од полицијата информираат дека во овој период, по брза постапка, биле поднесени 18 кривични пријави. За 15 сторители била определена мерка притвор, а за 48 лица биле изречени мерки на претпазливост. Особено загрижува податокот дека бројот на поднесени пријави по брза постапка е зголемен за 800 проценти во однос на истиот месец минатата година.
Регистрирани и 499 поплаки
Покрај кривичните дела, во мај 2026 година биле регистрирани и 19 прекршоци, најчесто за „физички напад“ и „карање и викање“. Дополнително, евидентирани се и 499 поплаки, при што најголем број имало на подрачјата на СВР Скопје и СВР Штип.
Со тоа, 191 кривично дело за семејно насилство во само еден месец претставува сериозен аларм за состојбата на терен и јасна порака дека овој проблем бара постојано внимание и институционална реакција.




![Во Дебар се предлага организирање на вoopyжени гpaѓански стpaжи policija-mvr[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mvr1.png)
