Марјан Ѓорчев ја продава „европската магла“: Уставни измени против вољата на народот, со „одложено дејство“ како лажен морал
04/11/2025 20:22
Во вечерашната емисија Директно, поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев, повторно се појави во улога на самопрогласен советник за европски патишта, но со порака што оди спротивно на вољата на мнозинството граѓани. Ѓорчев отворено повика на внесување на Бугарите во Уставот , токму она што народот јасно и гласно го одбива веќе 7 години.
И не само тоа, туку сето тоа го завитка во дипломатски целофан, предлагajќи уставните измени да се изгласаат „со одложено дејство“. Со други зборови: сега да се поклониме, а да се преправаме дека тоа ќе важи некад подоцна. Или, како што би рекол народот, тоа е исто како некоја девојка да ја загуби невиноста денес, а да се каже дека тоа се случило после венчавањето, чиста политичка хипокризија.
Ѓорчев зборува за „умерен напредок“ и „патокази за реформи“, но зад тие бирократски фрази се крие истата стара приказна: да се удоволи на Брисел и Софија по секоја цена, без разлика што народот веќе платил доволно.
Во своето излагање, тој дури ја обвини Европската унија за неправда кон Македонија, потсетувајќи дека Црна Гора со сите свои проблеми почнала преговори уште во 2012 година. Но наместо да повлече логичен заклучок дека земјава треба да покаже достоинство и државничка цврстина, Ѓорчев реши да го брани токму рецептот на покорност – “да се поклониме сега, а ќе се правиме дека сме горди подоцна.“
Таквиот пристап не е европски, туку понижувачки. Народот не сака „одложено дејство“, сака одложување на капитулацијата. А политичарите како Ѓорчев, кои зборуваат за достоинство додека предлагаат да се клекне пред туѓи барања, само потврдуваат дека вистинскиот проблем не е во Брисел, туку дома, во оние што со години ја претвораат државната политика во комична драма со трагичен крај.






