Закон за пушење без стандард: европско лицемерие
11/01/2026 18:37
Држава што не обезбедува стандард, не смее да глуми европска дисциплина
Оваа држава има еден хроничен проблем: сака европски забрани, ама никако не сака европски систем.
Сака да копира закони од Запад, ама не и стандард. Сака помалку цигари, ама не сака помалку сиромаштија.
Сака да брои „европски животи“, ама одбива да обезбеди европски квалитет на живеење.
Новиот закон против пушењето се продава како цивилизациски исчекор.
Како уште еден чекор кон Европа.
Убаво звучи. Европа секогаш добро звучи на прес-конференција.
Но реалноста е стара и болна: од Европа ги земаме само забраните, а никогаш условите во кои тие функционираат.
Ако веќе се угледуваме на Запад, зошто не го преземаме европскиот модел за чист воздух?
Зошто нема немилосрден закон за фабриките загадувачи?
За оџаците што секоја зима исфрлаат смртоносен, мерлив и документиран чад?
Чад од кој не се дише.
Чад од кој болниците се полнат.
Наместо тоа, добиваме уште една бројка за плашење, дека 4.000 луѓе годишно умирале од пушење. Бројка што никој не може реално да ја провери.
Нема јавен регистар.
Нема транспарентна методологија.
Нема отчетност.
Само проценка што совршено се вклопува во наративот за нужност од репресија.
Иако тие фамозни 4000 луѓе умираат од ЧАД, но не само чад од ЦИГАРИ.
Да не се разбереме погрешно, пушењето не е здраво.
Но уште понездраво е лицемерието.
Не може држава што не знае да обезбеди пристоен стандард и еднаков третман пред законот, да глуми европски воспитувач.
Каде е Европа кога станува збор за платите?
За животниот стандард?
За достоинствената егзистенција?
Не може да се бара европска дисциплина од граѓани кои живеат со балкански плати и секој месец преживуваат, наместо да живеат.
Министерството за здравство, наместо вистинска јавна расправа за закон што директно го менува секојдневието на стотици илјади граѓани, одглуми расправа во затворен круг. За која знаеле само поединци од дел од невладините организации, додека јавноста, Медиумите не беа информирани за јавната расправа, а со тоа и не беа поканети. Па така немаше пренос, нема транспарентност, а има „заклучок“ дека мнозинството било ЗА.
Ако веќе државата решила да се бори за здравјето, тогаш нека се бори до крај, а не селективно, како и сè друго што прави.
Ајде вака: ако пушењето е болест, тогаш и дебелината е болест. Не е „љубов кон себе“, не е тренд, не е мода.
Таа е директна последица од нездрава исхрана и од брза храна што ни се турка насекаде, хамбургери, пици, помфрит, шеќери. Истата штета како цигарите, но побрза, полни Болници, терапии, дијабетес, срце, притисок и пак сите плаќаме со мизерниот стандард.Ако цигарата ќе се крие, ќе се забранува и ќе се брише од реклами, филмови и медиуми, зошто истото да не важи и за junk food?
Зошто хамбургерот е „радост“, а цигарата „зло“?
Или важи ист аршин за сите, или целава приказна е чист идиотизам.
Не можеш да збориш за здравје, а да толерираш индустрии што свесно прават луѓе болни. Или сме сериозни, или само глумиме ред.
Министре, здравјето не почнува и не завршува со цигарата.
Почнува со чист воздух.
Со достоинствени плати.
Со транспарентни закони.
Сè друго е магла, политички густа и опасана како маглата во Скопје, полна со смеог и чад од Охис, Дрисла, Вардариште, Усје-Титан итн.
Пишува
Борислав Стоилковиќ
Уредник на MKInformer





