MKinformer

your daily dose of news

Уредничка анализа на обраќањето на Претседателот на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова

23/12/2025 19:47

„Ако можеше за Украина, мора и за Македонија“, порака од Сиљановска-Давкова

Во годишното обраќање пред пратениците, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја постави една од најчувствителните споредби што деновиве се слушаат и во Брисел и во Скопје: доколку Европската унија успеа да најде политичка формула за Украина и Молдавија, тогаш мора да постои решение и за Македонија.

Нејзината порака беше формулирана како прашање за фер третман и двојни стандарди, со јасна дијагноза: Македонија е „технички усогласен, но политички блокиран“ кандидат. Според претседателката, проблемот одамна не е во реформската агенда, туку во услови кои не се директно поврзани со владеењето на правото, туку со билатерални и идентитетски прашања.

Европскиот пат како политички, а не административен тест

Сиљановска-Давкова повика на национален консензус околу евроинтеграциите, истакнувајќи дека процесот одамна ја надминал фазата на „административна задача“. Тој, според неа, е политички тест што бара уставни измени, но и јасни гаранции и заштитни механизми и од Европската унија, и од Бугарија.

Во истиот контекст, таа оцени дека претходни политички одлуки, носени со недоволна транспарентност и без широка домашна поддршка, ја довеле државата во ситуација каде уставните прашања тежат повеќе од реалните институционални реформи.

„Старецот од морето“ – предупредување со јасна порака

Највпечатливиот дел од говорот беше метафората дека уште една уставна промена без гаранции може да ја остави Македонија „како старецот од морето“, со рибини коски во рацете и со соголен идентитет. Таа слика беше директна порака до Брисел дека земјата веќе платила висока политичка цена, но и сигнал до домашната политичка сцена дека консензусот не може да биде формален, ако секоја нова фаза носи нови услови.

Споредбата со Украина – силна реторика, но и ризик

Сепак, споредбата со Украина отвора и непријатни прашања. Украина доби забрзана политичка поддршка и отворање на процедурите во услови на војна и геополитички шок за цела Европа, но не и автоматско членство. Македонија, пак, се соочува со поинаква „дијагноза“ – долгогодишен кандидат заглавен меѓу билатерални блокади и уставни пречки.

Токму тука се крие ризикот на ваквата реторика: „брзата трака“ лесно ги подига јавните очекувања, но уште полесно го продлабочува разочарувањето доколку Брисел повторно одговори со познатиот бирократски речник и повикување на процедури.

Домашниот јазол: консензус без мнозинство не постои

Вториот проблем е внатрешен. Претседателката апелира за национален консензус, но реалноста е дека уставното мнозинство не се создава со повици, туку со тешки компромиси и прецизна политичка математика. Ако уставните амандмани се клучната пречка, тогаш прашањето е кој и како ќе го обезбеди потребниот број пратеници, без процесот повторно да се претвори во политичко пазарење и уцени.

Токму во таа точка говорот добива двосмислена димензија: од една страна се бараат гаранции однадвор, од друга страна се признава дека проблемот е и дома, во длабоко поларизиран политички систем што тешко се дисциплинира за заедничка стратегиска цел.

Европа и македонскиот парадокс

Сиљановска-Давкова потсети дека највисоките оценки од ЕУ Македонија ги добила во периодот 2017-2020 година, по договорите со Бугарија и Преспа, додека денес извештаите зборуваат за „ограничен напредок“. Во тој контраст, според неа, се открива парадоксот: Европа често наградува политички „решенија“, а не нужно институционални резултати.

Со пораката „ако можеше за Украина, може и за нас“, претседателката ја префрли топката во Брисел и побара признавање дека македонскиот случај одамна не е само техничко прашање. Останува отворено дали Европската унија има волја за креативно политичко решение за земја кандидат со две децении чекање или дебатата повторно ќе се врати во кругот на истите услови, истите ветувања и истата неизвесност.

Пишува
Борислав Стоилковиќ

error: Содржината е заштитена од копирање !!