Над 58 милиони евра приходи од патарини за девет месеци, Романовце најпрофитабилна наплатна станица
08/11/2025 12:59
Вкупните приходи од наплата на патарини во првите девет месеци од годинава изнесуваат 3,6 милијарди денари, односно 58,7 милиони евра, информира Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Само во септември, прометот на сите наплатни станици достигнал 401,9 милиони денари, додека во летниот период – кога е најголема фрекфенцијата на возила, приходите биле значително повисоки: 494,3 милиони во август, 469,8 милиони во јули и 399,3 милиони денари во јуни.
Највисок приход е остварен на наплатната станица Романовце, додека Кадрифаково останува со најниска заработка.
Во септември, преку системот за електронска наплата (ЕТЦ) биле реализирани 30,8 милиони денари преку издадени профактури, а речиси идентична сума од 30,9 милиони денари, преку онлајн надополнувања. Наплатата преку системот „Отворен Балкан“ во истиот месец изнесува 10,4 милиони денари.
Од ЈПДП соопштуваат дека електронската наплата учествува со околу 35 проценти во вкупниот промет, а во тек е подготовка на проектот за нови можности за надополнување на МТаг и Мкард системите. Во блиска иднина, се очекува малопродажба на М-ТАГ уредите преку правни лица низ целата држава, со цел поголема достапност и поефикасна наплата на патарините.






