Трамп ѝ постави ултиматум од милијарда долари на „BBC“
10/11/2025 19:14
Американскиот претседател Доналд Трамп му даде рок до петок на британскиот јавен сервис „BBC“ да ги исполни неговите барања, откако неговиот правен тим најави можност за тужба вредна една милијарда долари. Причината, според адвокатите на Трамп, е наводното злонамерно и манипулативно уредување на негов говор во документарен филм на „BBC“.
Во писмо до медиумот, до кое дојде „NBC NEWS“, се наведува дека рокот за одговор е 14 ноември во 22 часот по британско време. Доколку британската телевизија не ги исполни барањата, Белата куќа најавува судска постапка за „клевета и намерна измама“.
„Претседателот Трамп нема да дозволи да биде цел на лажни вести и медиумски манипулации. Тој ќе ги користи сите законски механизми за да го заштити својот интегритет и вистината“, се наведува во меморандумот на неговиот правен тим.
Адвокатите на Трамп бараат од „BBC“ да ја ревидира спорната содржина и јавно да се извини. „BBC“ го клевети претседателот со свесно изобличување на фактите, со цел да влијае врз јавноста и изборниот процес,“ изјави портпаролот на Трамп за „NBC NEWS“.
Од Лондон, реакцијата на британскиот медиум беше кусa и воздржана: „Ќе го разгледаме писмото и ќе одговориме во најскоро време“, изјави портпаролот на „BBC“.
Со овој потег, претседателот Трамп уште еднаш покажува дека стои цврсто зад борбата против дезинформациите и медиумската пристрасност, нагласувајќи дека вистината и одговорноста се темели на кои треба да почива секое демократско општество.






