Бубевски со најостра реакција до Кадриу: Ако нема извинување, следува тужба за клевета
11/02/2026 10:21
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски најостро ги демантираше, како што вели, клеветите изнесени од поранешната обвинителка и адвокатка Лејла Кадриу во интервју емитувано на ТВ Алфа на 7 февруари 2026 година.
Во писмената реакција, Бубевски наведува дека сите тврдења поврзани со неговото постапување и работата на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) се невистинити и имаат цел да му наштетат на неговиот личен и професионален углед.
Тој информира дека веднаш по емисијата иницирал постапка со која побарал јавно извинување од Кадриу, додавајќи дека доколку тоа не се случи во законскиот рок, ќе поднесе граѓанска тужба за клевета.
„Наводите се измислени и креирани со цел да наштетат на мојот углед. Доколку не добијам извинување, вистината ќе се докаже во судска постапка“, наведува Бубевски.
Во реакцијата, тој ги отфрла тврдењата дека користел повеќе мобилни телефони, посочувајќи дека во текот на неговиот мандат во СЈО користел еден телефонски број, а исто така и по враќањето во редовното обвинителство.
Бубевски нагласува дека никогаш не извршил незаконско влијание и стои зад секоја одлука што ја донел. Во однос на наводите за предавање на прислушувани материјали, посочува дека во одредени ситуации воопшто не бил присутен и дека постои официјален записник кој е дел од доказите во предметот „Таргет–Тврдина“.
Тој оценува дека обидите за дискредитација се насочени кон загрозување на неговиот професионален интегритет и влијание врз извршувањето на јавната обвинителска функција.
„Ќе ги искористам сите законски механизми за заштита“, порача Бубевски, додавајќи дека веќе поднел тужба и против друго лице поради, како што наведува, невистинити изјави во јавноста.






