Новинар на BBC кој известуваше од Кочани остана без работа
26/06/2026 11:23
Новинарот на BBC што известуваше од Кочани остана без ангажман
Долгогодишниот новинар на BBC, Гај де Лони, кој известуваше за трагедијата во Кочани, објави дека британскиот јавен сервис нема да му го продолжи ангажманот. Во објава на „Линкдин“, тој истакна дека со малку повеќе од еден ајфон успеал да води главни ТВ-изданија на BBC, да прави интервјуа и онлајн содржини.
32 години работа во BBC
“Благодарам на сите што ми испратија пораки на поддршка во изминатиот ден. Работев за BBC 32 години, од кои 22 како странски дописник со годишен хонорарен договор што постојано се обновуваше”, вели Де Лони.
Тој додава дека тој и четворица колеги биле известени дека BBC, поради кратење на трошоците, нема да им ги продолжи договорите по 31 јули, со што “Ворлд њуз контент” практично престанува да ги ангажира.
Без благодарност и без извинување
“Немаше зборови на благодарност или на признание. Немаше извинување. Немаше предлози како човек треба да ја пополни ненадејната огромна празнина во приходите, со известување од само шест недели”, напиша тој.
Известување од Кочани со ајфон
Како пример за својата работа, новинарот го посочи известувањето од Кочани, неколку часа по трагичниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“.
“Од терен ги водев и раните вечерни вести на BBC и вестите во 10 часот, со малку повеќе од ајфон. Интервјуирав и шокирани локални жители и ги вклучив во телевизиски пакет што го најавив во живо. Ги исполнив и сите бројни барања за радио и за онлајн”, посочува новинарот.
Работел од Белград, Сребреница, Загреб
Де Лони оценува дека ваквиот начин на работа бил евтин, но исклучително ефикасен, додавајќи дека во текот на кариерата многупати известувал од различни локации, од протестите во Белград, преку комеморациите во Сребреница, до финалето на Светското првенство во Загреб.

BBC планира да укине стотици позиции
Објавата доаѓа во период кога BBC спроведува големо кратење на трошоците. Според британските медиуми, јавниот сервис планира да укине стотици позиции во првата фаза од реструктурирањето. Вкупниот број на работни места што би можеле да бидат укинати во следните три години се движи меѓу 1.800 и 2.000.



![Трамп ѝ постави ултиматум од милијарда долари на „BBC“ tramp1[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/08/tramp11.jpg)


