Корупцискиот скандал во Платежната агенција го загрозува ИПАРД 3 – 90 милиони евра европски пари под ризик
12/11/2025 9:02
Корупцискиот скандал со директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, сериозно ја загрозува исплатата на европските средства преку ИПАРД 3 програмата.
Според информациите, речиси 90 милиони евра европски пари може да пропаднат, откако исплатата на средствата е стопирана поради истрагата за примање поткуп и злоупотреба на службена положба.
Од Министерството за финансии информираа дека досега до земјоделските стопанства се исплатени само 8 милиони евра од вкупно 97 милиони, колку што е предвидено со програмата ИПАРД 3.
🏦 Министерството за финансии:
„До крајот на годината треба да се исплатат уште 400.000 евра, но во моментов се обработуваат апликации за мерка 1, мерка 3 и мерка 7 со вредност од околу 20 милиони евра,“ соопштија од Министерството, додавајќи дека Платежната агенција нема дозвола да склучува нови договори поради донесената одлука за времен прекин на исплатите од ИПА фондовите.
🚜 560 договори под закана
Според информации на ТВ 24, висат повеќе од 560 договори со корисници на ИПАРД 3, во вредност од околу 65 милиони евра.
Од Руралната коалиција велат дека блокадата доаѓа ненадејно и предупредуваат дека последиците за земјоделците ќе бидат сериозни.
Извршната директорка Лилјана Јоноски изјави дека многу земјоделци веќе инвестирале сопствени средства, а сега исплатата е под знак прашалник.
„Ако блокадата потрае, последиците ќе бидат огромни. Владата мора итно да интервенира,“ вели Јоноски.
🌾 Министерството за земјоделство: системот реагирал навреме
Иако вчера министерот за земјоделство изјави дека нема блокада, денеска од ресорот појаснија дека прекинoт на исплатите е дел од механизам за заштита на европските средства и гарантирање на регуларност.
„Со овој механизам обезбедуваме доверба дека системот функционира и дека сите исплати се легални и регуларни,“ наведуваат од Министерството.
⚠️ Неизвесна иднина за ИПАРД 3
ИПАРД 3 програмата е во петтата година од реализацијата, која треба да трае до 2027 година, но со сегашниот застој, реализацијата станува неизвесна.
Загрозени се не само земјоделските стопанства, туку и многу мали и средни бизниси во преработувачката индустрија, кои сметаа на европската поддршка за развој и модернизација.






