19 дуќани продавале небезбедна храна, 26 работеле на диво, без санитарни прегледи и дезинфекција
16/11/2025 11:44
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминативе десетина дена спроведе 445 инспекциски контроли кај оператори со храна, при што изрече 15 забрани за вршење дејност и заплени 696 килограми небезбедна храна, која беше нештетно уништена.
Контролите беа насочени кон објекти што се наоѓаат во непосредна близина на основни и средни училишта, каде учениците најчесто купуваат храна.
Според АХВ, состојбата е загрижувачка:
-
19 оператори ставале во промет небезбедна храна
-
30 оператори имале незадоволителни хигиенски услови
-
26 објекти воопшто не биле регистрирани во АХВ
-
16 оператори немале имплементирано Добра хигиенска и Добра производствена пракса
-
32 оператори немале спроведено задолжителен здравствено-санирарен преглед на вработените
-
3 оператори немале извршено задолжителна ДДД третман (дезинфекција, дезинсекција, дератизација)
-
7 објекти не ги исполнувале техничките услови за работа
-
7 оператори продавале несоодветно означена храна
За констатираните прекршувања, изречени се парични казни за 77 оператори, во вкупна вредност од 36.470 евра, а издадени се 103 решенија со наредба за отстранување на неправилности и 23 опомени.
АХВ најавува дека засилените контроли ќе продолжат, со фокус на објекти кои се во секојдневен контакт со ученици и млади.





