MKinformer

your daily dose of news

Каков сладолед сме јаделе летово? 45 казни и над 200 килограми уништен производ

25/09/2026 10:52

Каков сладолед сме јаделе летово и во какви услови бил произведуван? Вонредните контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство откриле низа неправилности кај производители и угостителски објекти, а над 200 литри, односно килограми сладолед и мраз биле уништени како небезбедни.

Инспекциските служби на АХВ од почетокот на јули до крајот на август спровеле 560 вонредни инспекциски надзори.

Контролирани биле објекти за производство на сладолед и мраз, како и угостителски објекти кои сами произведуваат и ставаат во промет вакви производи.

По утврдените неправилности биле издадени 140 решенија.

45 казни во вредност од 19.430 евра

Инспекторите изрекле 45 парични казни во вкупна вредност од 19.430 евра во денарска противвредност.

Како небезбедни биле уништени вкупно 202 литри, односно килограми сладолед и мраз.

Контролите покажале и дека 17 оператори воопшто не биле регистрирани како оператори со храна во АХВ.

Кај 64 оператори не биле направени потребните анализи на сладоледот или мразот.

Кај 20 оператори било утврдено несоодветно означување на производите, додека тројца набавувале мраз од нерегистриран добавувач.

Вработени без задолжителни здравствени прегледи

Кај 10 оператори биле затекнати вработени кои немале спроведени задолжителни здравствени прегледи.

Незадоволителни хигиенски и технички услови биле утврдени во пет од контролираните објекти.

Дополнително, 19 оператори немале воспоставено процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, како и процедури за чистење на ледоматите.

Четири оператори немале записи за следливост на производите.

Кај еден оператор било утврдено дека не ги спровел задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Податоците од контроли на сладолед отвораат прашања за условите во кои дел од сладоледот и мразот биле произведувани и продавани во текот на летото.

error: Содржината е заштитена од копирање !!