Опасно загадување во Гази Баба: Градот најавува санкции за одговорните
19/11/2025 9:16
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва соопшти дека е идентификуван правниот субјект одговорен за хемиското истекување што предизвика вознемиреност кај жителите на главниот град. На булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба беше забележано масовно излевање хемиска пена од средишната шахта, што претставува сериозно кршење на законските прописи и потенцијална опасност за животната средина и јавното здравје.
Инспекторатот на Град Скопје, кој претходно веќе имал преземено мерки, веднаш реагирал по објавата на фотографиите на социјалните мрежи. Овластени инспектори излегле на терен и извршиле вонреден надзор, при што било утврдено дека загадувањето потекнува од компанија која работи во непосредна близина на булеварот.
„Никој не смее да го загрозува здравјето на скопјани“, истакна Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека институциите реагирале навремено и дека нема да има никакво толерирање на вакви прекршоци.
Инспекторите земале примероци од шахтата, јавната површина и од пеноматот на правниот субјект. Утре ќе се анализира и елаборатот за животна средина што компанијата е должна да го поседува, со цел да се утврдат причините за инцидентот и евентуалните неправилности во работењето.
Градоначалникот најави дека по комплетирањето на доказниот материјал ќе бидат изречени најстроги санкции против одговорните.
„Секој што го нарушува законот, ја загадува околината и го загрозува здравјето на граѓаните, ќе се соочи со целосната сила на институциите“, додаде Ѓорѓиевски, уверувајќи дека Град Скопје нема да дозволи компромиси кога станува збор за заштита на јавниот интерес.






