Опасно загадување кај Таор: Во одводниот канал откриени жива и сребро
23/01/2026 16:28
По испитувањето на мострите земени од површинската вода во одводниот канал кај селото Таор, Институтот за јавно здравје потврди присуство на жива и сребро, објави СДК. Анализите биле извршени по барање на АД „Водостопанство“, откако на 21 ноември минатата година во истиот канал беше забележана појава на бела пена, што предизвика сомнежи за сериозно загадување.
Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека при извршените контроли е утврден зголемен број на термотолерантни колиформни бактерии, како и зголемени концентрации на жива и нитрити изразени како азот. Во анализите е регистрирано и присуство на сребро.
Од Институтот за јавно здравје предупредуваат дека живата претставува сериозна опасност за животната средина, особено за рибниот фонд, но и за здравјето на луѓето доколку се консумира риба од загадени води. Поради тоа се препорачува континуирано и засилено следење на состојбата.
Инспекторатот посочува дека во одводниот канал се слеваат отпадни води од општините Гази Баба, Илинден, Арачиново и Петровец, што дополнително го влошува проблемот. Како сериозен системски недостаток се наведува и фактот дека Скопје сè уште нема функционална пречистителна станица за третман на отпадни води.
Според евиденцијата на Државниот инспекторат за животна средина, инцидентот е поврзан со активирањето на пумпите за отпадни води од системот на Скопско Поле, по што визуелно било утврдено можно сериозно хемиско загадување на реката Вардар. Надлежните институции најавуваат продолжување на мониторингот и утврдување на одговорноста за загадувањето.






