Клиниката „Св. Наум Охридски“ доби нова опрема вредна 1,5 милиони евра
20/11/2025 15:53
Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ доби значајно технолошко обновување – нов апарат за магнетна резонанца од 1,5 Тесла, два лапароскопски столбови и специјализиран инструментариум за трауматолошките операциони сали. Вкупната вредност на опремата изнесува околу 90 милиони денари, односно 1,5 милиони евра, обезбедени со помош на Владата.
На денешната промоција присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Директорот на Клиниката, д-р Небојша Настов, истакна дека новата магнетна резонанца ќе го зголеми капацитетот и квалитетот на дијагностичките услуги.
„Со оваа генерација апарати времетраењето на прегледите значително се скратува, што овозможува поголем број пациенти да бидат прегледани во текот на денот. Ако со стариот апарат, стар 16 години, годишно вршевме околу 4.000 магнетни резонанци, очекуваме со новиот да достигнеме најмалку 5.000, зависно од бројот на смени“, изјави д-р Настов.

Опремата, како што беше посочено, претставува важен чекор во модернизацијата на Клиниката и ќе придонесе кон побрза, поефикасна и поквалитетна здравствена услуга за пациентите.






