Пука Козметика слави 30 години: Голем јубилеен концерт на 13 декември во МКЦ
20/11/2025 14:25
Култниот состав Пука Козметика годинава одбележува три децении од своето постоење, а централната прослава ќе се одржи на 13 декември 2025 година во Младинскиот културен центар (МКЦ). Настанот, внимателно осмислен како хронолошко патување низ нивната музичка приказна, носи богата програма и вистинска прослава за сите генерации кои пораснаа со нивниот уникатен звук.
Организаторите најавуваат три содржински сегменти што ќе го доловат развојот, духот и автентичноста на Пука Козметика:
📌 Програма
19:30 – „Приказната на Пука Козметика“ (Кино Фросина)
Документарна ретроспектива посветена на 30-годишниот пат на бендот – од првите чекори, преку култните настапи, до нивната денешна музичка зрелост.
21:00 – Промоција на винил и коктел
Премиерно претставување на новото винил издание, проследено со специјален коктел за публиката и пријателите на бендот.
22:00 – Концерт: „Пука Козметика и другарите“ (Денсинг сала)
Голема енергична журка на која на сцена ќе се обединат музичари од различни генерации, во чест на 30-годишното творештво на бендот.
Билетите се во продажба по цена од 300 денари, а за најбрзите фанови следува изненадување – првите купени карти носат гратис маичка.
Дополнително, бендот открива дека деновиве е снимен спот за првиот сингл од новиот албум, насловен „РАП ВЕТЕРАНИ“, кој ќе биде премиерно објавен на YouTube за неколку дена. Станува збор за проект што веќе предизвикува големи очекувања кај публиката.






