MKinformer

your daily dose of news

Мирен собир во Неготино и Скопје: Порака за безбедност и одговорност по трагичната смрт на Фросина

31/01/2025 13:13

Мирен собир закажан за денес, 31 јануари, во 15 часот во Неготино, во чест на младата модна дизајнерка Фросина Кулакова, која трагично беше прегазена во Скопје во средата пред полноќ.

„Со огромна болка и револт, повикуваме сите да се собереме на мирен протест во чест на Фросина, која беше брутално прегазена на улица. Живееме во општество каде што возењето под дејство на алкохол е зачестено и нормализирано – време е да кажеме „Доста е!“ Да се собереме денес, во 15 часот на плоштадот во Неготино, да ѝ оддадеме почит и да испратиме јасна порака. Безбедноста на улиците мора да биде приоритет! Одговорноста мора да биде неизбежна. Жртвите не смеат да останат само статистика!“, велат организаторите на протестот.

Протести се закажани и денес во Скопје, во 13 часот, како и во недела во Кавадарци.

Младата 22-годишна модна дизајнерка Фросина Кулакова, која беше усмртена на булеварот „Партизанска“ во Скопје, ќе биде погребана денес во Неготино. За ова информираше нејзиниот татко, Тодор Кулаков, преку Фејсбук:

„Животот уште не започнат, најсвирепо згаснат. Утеха ни на небо, ни на земја,“ напиша тој.

Тој дополнително соопшти дека погребот ќе се одржи попладне, по што ќе може да се оддаде почит во капелата Бутел во Скопје од 10 до 11 часот, а потоа во капелата во Неготино од 13 до 14 часот.

„Почивај во мир, мила наша, мила да си при Бога, Фросинче,“ напиша таткото на Фросина.

Против 20-годишниот возач што ја усмрти Фросина, имало претходно пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции, како и за сообраќајна незгода во која едно лице се здобило со полесни повреди. Возачот бил задржан во притвор, но подоцна му беше изречена воспитна мерка за упатување во воспитно-поправен дом, по што притворската мерка беше укината.

Според Обвинителството, на 30 март 2024 година поднесена е кривична пријава против осомничениот за кривично дело според член 215 од Кривичниот законик, а истрагата беше завршена за два месеца. На 21 мај 2024 година, обвинителот поднел обвинителен акт и побарал продолжување на мерката притвор.

Протестите и барањата за максимална казна за осомничениот продолжуваат, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги повикаа институциите да дејствуваат итно и соодветно.

error: Содржината е заштитена од копирање !!