MKinformer

your daily dose of news

Адем Чучуљ ќе биде предложен за нов претседател на Антикорупциска

21/11/2025 15:40

Адем Чучуљ, дипломиран правник со положен правосуден испит и долгогодишно искуство во Државната комисија за спречување на корупцијата, ќе биде предложен пред Собранието како нов претседател на Антикорупциска. Одлуката едногласно ја донесе Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која ќе ја достави препораката на гласање на почетокот на декември.

Чучуљ, кој речиси 19 години работи во ДКСК и моментално ја извршува функцијата генерален секретар на Комисијата, доби највисока оценка од селекциската комисија – 96,5 бодови, што го рангираше на првото место меѓу сите кандидати.

Според образложението на селекциската комисија, Чучуљ покажал значајно професионално искуство во спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и јасна визија и конкретен план за унапредување на работата на ДКСК. Огласот за избор на нов претседател беше распишан уште летото, но постапката беше привремено прекината поради локалните избори.

Од вкупно 13 пријавени кандидати, селектирани беа 10, а интервјуата се одвиваа оваа недела.

Новиот претседател ќе ја замени Татјана Димитровска, која поднесе оставка откако беше обвинета во предметот „Адитив“ за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Според обвинението, таа му пренесувала доверливи информации на едно од обвинетите лица и дозволила друг да го положи електронскиот испит за нејзин сертификат за државна тајна.

Очекувањата се дека со изборот на нов претседател, Антикорупциска ќе добие стабилно раководство во период кога институцијата е под силно јавно внимание и притисок за повисок степен на борба против корупцијата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!