ДКСК:35 поранешни и 19 нови градоначалници не поднеле изјави за имот
13/02/2026 11:01
Претседателот на Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, изјави дека Комисијата засилено го следи пријавувањето на имотната состојба и интересите на избраните и именуваните лица, при што веќе се утврдени бројни пропусти кај дел од градоначалниците.
Во емисијата „Click Plus“ на ТВ21, Чучуљ информираше дека проверките започнале веднаш по локалните избори и по неговото стапување на функцијата.
„Констатиравме дека 35 поранешни и 19 нови градоначалници не поднеле изјави за имотна состојба. За сите нив изрековме соодветни прекршочни платни налози“, изјави Чучуљ.
Следуваат проверки и кај советниците
Претседателот на ДКСК најави дека во тек е проверка и на општинските советници кои евентуално не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имот и интереси.
„Сега сме во фаза на проверка на советници по општините кои не ја исполниле обврската. Наскоро ќе излеземе со конкретни бројки“, посочи тој.
Проверки и кај судиите и обвинителите
Комисијата извршила проверки и кај судиите и јавните обвинители. Според Чучуљ, дел од проблемите произлегуваат од преминот кон новото електронско решение за пријавување на имотната состојба, кое се применува од 2024 година.
„Голем дел од нив имаат поднесено изјави преку стариот систем. Законот од 2019 година не предвидува прекршочна санкција доколку не поднесат изјава преку новиот систем“, појасни Чучуљ.
Тој додаде дека ДКСК, во координација со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, ќе ги контактира сите судии и обвинители за да се обезбеди усогласување со новиот софтвер, кој овозможува подетална и поопширна пријава на имотната состојба.
„Речиси сите судии и обвинители имаат пријавено сè што треба, но целта е тоа да биде направено преку новото електронско решение“, нагласи Чучуљ.




