MKinformer

your daily dose of news

ВМРО-ДПМНЕ ќе има нов генсек: Дали Ивица Томовски ќе го наследи Сајковски?

21/11/2025 23:00

Актуелниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски – кој истовремено раководи и со централниот изборен штаб на ВМРО–ДПМНЕ – според информации на „Фокус“, е еден од водечките кандидати за нов генерален секретар на партијата.

ВМРО–ДПМНЕ на почетокот на декември ќе го одржи редовниот изборен Конгрес во Кавадарци, на кој се очекува Христијан Мицкоски да го добие својот трет претседателски мандат. Мицкоски претходно најави дека 2026 година ќе ја започне со темелни кадровски и организациски промени во партијата, со цел, како што нагласи, генерациско освежување и јакнење на внатрешните структури.

Премиерот веќе најави дека по конгресот ќе уследи поширока реконструкција – најпрво во ВМРО–ДПМНЕ, а потоа и во Владата и институциите. Тој порача дека секоја промена мора да биде внимателно испланирана, со соодветна замена и доверба во новите кадри.

На конгресот, покрај изборот на претседател, ќе се избере и нов состав на Централниот комитет, по што ќе следи формирање на нов Извршен комитет – структура од која подоцна произлегуваат потпретседателите и генерален секретар.

Од 2017 година, потпретседатели на партијата се Александар Николоски и Владо Мисајлковски, а на последниот конгрес во Скопје во 2020 година им се приклучија и Тимчо Муцунски и Гордана Димитриеска–Кочоска. Според партиски извори, не се исклучува можноста нов потпретседател да биде некој од актуелните градоначалници, при што најчесто се споменува името на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Во делот на кадровските решенија, „Фокус“ дознава дека се разгледува избор на нов генерален секретар на местото на Ѓорѓи Сајкоски. Како еден од најсериозните кандидати се споменува Ивица Томовски, кој кусо изјави дека нема да коментира и дека одлуката ја препушта на партиските органи и на претседателот Мицкоски.

По конгресот се очекува да започне и процесот на избор на нови претседатели на општинските комитети, каде според неофицијалните информации, најавени се значителни промени со вклучување на нов кадар.

error: Содржината е заштитена од копирање !!