Јајцата и месото драстично поскапеа, владата не планира замрзнување на цените
21/11/2025 11:31
Ценовниот удар во ноември најсилно се почувствува кај основните прехранбени производи. Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, за едно четиричлено семејство месечно се потребни 65.173 денари за да ги покрие основните трошоци, а речиси целата минимална плата завршува само на храна.
Иако трошоците за исхрана бележат минимално намалување од 371 денар поради пониските цени на овошјето и зеленчукот, основните артикли бележат сериозен раст. Табла јајца е поскапена за 40 денари, додека цените на месото се зголемени во просек за 10%. Очекувањата на пазарот се дека ќе пораснат и цените на преработките – колбаси, сувомесни производи и мелено месо – за 10 до 15 проценти.
Во маркетите, граѓаните забележуваат константен раст на цените. Табла од 30 јајца (Л класа) од 280 денари се продава за 310 денари, додека малата табла од 10 јајца (М класа) од 90 сега чини 105 денари. Свинското месо се движи околу 400 денари за килограм, а јунешкото достигнува околу 900 денари.
Владата нема да замрзнува цени
Заменик-министерот за економија Маријан Ристески најави дека нема повторно да се воведуваат мерки за замрзнување на цените како лани, бидејќи инфлацијата е стабилизирана. Наместо тоа, ќе се казнуваат трговците кои го прекршуваат Законот за нефер трговски практики.
ССМ, пак, предупредува дека растот на цените силно го оптоварува стандардот и бара минималната плата да се зголеми на 600 евра, бидејќи граѓаните не можат да го издржат тековниот трошок за живот.
Во меѓувреме, регионот презема поагресивни мерки – Хрватска ја прошири листата на производи со замрзнати цени на 100 артикли за да го заштити стандардот на населението.






