Скандал во струшката болница: Отпуштена докторка трудница, нов психолог веднаш вработен
24/11/2025 14:31
Психолог вработена во ЈЗУ Општа болница Струга, воедно магистер по специјална едукација, била отпуштена веднаш откако на раководството му соопштила дека е бремена. Според информациите што ги објави СДК, непродолжувањето на нејзиниот договор предизвикало силен стрес, поради што во 27-та недела од бременоста таа го загубила бебето.
Во меѓувреме, на нејзино работно место биле вработени нови лица, меѓу кои и нов психолог. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација констатирала дека станува збор за директна интерсекциска дискриминација врз основа на бременост и мајчинство.
Жената во пријавата навела дека бременоста ѝ била уредна, без здравствени ризици, а дека токму психолошкиот притисок и стресот поради губење на работата довеле до трагичниот исход.
Од Комисијата нагласуваат дека бремените жени уживаат посебна законска и уставна заштита, а ваквите случаи претставуваат сериозно прекршување на човековите права, работничките слободи и принципот на еднаквост загарантиран со Уставот.






