MKinformer

your daily dose of news

Смртниот биланс од катастрофалниот пожар во Хонг Конг се искачи на 128 лица

28/11/2025 11:45

Бројот на загинати во разорниот пожар што избувна во стамбениот комплекс „Ванг Фук Корт“ во Хонг Конг се искачи на 128 лица, соопштија властите на денешната прес-конференција. Огнената стихија, која целосно беше ставена под контрола околу 10:18 часот по локално време, повреди најмалку 79 лица, а десетици жители сè уште се водат како исчезнати.

Локалните служби информираа дека 16 тела сè уште се наоѓаат во објектите, додека 89 од жртвите сè уште не се идентификувани. За идентификација ќе се користат различни методи, меѓу кои и ДНК анализа, јавува Би-Би-Си.

Противпожарната служба потврди дека алармите во сите осум блока не функционирале правилно во моментот кога избувнал пожарот, што се совпаѓа со изјавите на голем број станари. Шефот за безбедност Танг Пинг-Кеунг изјави дека брзото ширење на огнот е резултат на стиропорот поставен надвор од прозорците, кој делувал како катализатор на пламените јазици.

Пожарот започнал на пониските катови и со огромна брзина се проширил кон горните нивоа. Температурата достигнала и до 500°C, што довело до повторни активирања на огнот и отежната работа на пожарникарите. Иако пожарот е целосно изгаснат, некои делови од зградите и понатаму имаат температура над 200°C.

Во спасувачката операција учествувале 391 противпожарно и 188 амбулантни возила, како и повеќе од 2.311 пожарникари. Дванаесетмина од нив се повредени за време на интервенцијата. Истрагата за причините на трагедијата продолжува.

error: Содржината е заштитена од копирање !!