MKinformer

your daily dose of news

Поплави во Чешиново–Облешево: Мештаните очајни, институциите повторно затекнати

30/11/2025 11:56

Поплавени дворови, подруми и ниви со неожнеан ориз и житни култури, ова е сликата што утрово ги дочека жителите на повеќе населени места во Општина Чешиново–Облешево. Обилните дождови што го зафатија регионот неколку дена наназад повторно ги оголија хроничните слабости на локалните и државните институции, кои, како и секој пат, реагираат дури откако штетите веќе се направени.

Со денови на терен се користи градежна механизација, а пумпите на Територијалната противпожарна единица од Кочани работат непрекинато во обид да се спречи надојдената вода од каналите и реките да навлезе во селата. Кризниот штаб е активиран, а градоначалникот Јорданчо Костадинов отворено признава дека општината сама не може да се справи со ситуацијата.

„Со малите можности што ги имаме неколку дена се бориме со овој проблем. На терен сме со сè што имаме, но тоа не е доволно. Апелирам јавноста и државните институции да помогнат“, вели Костадинов, јасно укажувајќи на ограничените капацитети и задоцнетата реакција на надлежните.

Мештаните, пак, велат дека поплавите не се резултат само на дождот, туку пред сè на години наназад неисчистени канали. Според нив, ваквата негрижа е главната причина што секоја пообилна врнежлива епизода се претвора во мини-катастрофа за нивните домови и ниви.

Иако штетите веќе се значителни, институциите допрва ќе формираат Комисија, која во понеделник ќе започне со евидентирање на пријавите од граѓаните, уште една потврда за бавниот и реактивен пристап кон проблем што одамна бара системско решение.

error: Содржината е заштитена од копирање !!