Државна негрижа, Центар за елитни службени кучиња работи на свеќи: МО и МВР без конкретен одговор
30/11/2025 11:03
Во единствениот државен Центар за одгледување и дресура на кучиња (ЦОДК) во Ѓорче Петров, место каде се подготвуваат службени кучиња за најризични безбедносни задачи, веќе повеќе од еден месец владее целосен хаос, нефункционалност и негрижа за кучињата. Без струја, без греење и без елементарни услови, вработените од Армијата и МВР велат дека работат во состојби недостојни за институција што треба да биде столб на безбедносниот систем.
„Кучињата ги храниме на свеќи, а ноќе седиме со капути. Нема греење, нема светло, нема услови. Работиме како пред 100 години“, сведочат вработени кои, од страв од последици, бараа да останат анонимни.
Центарот, кој обучува кучиња за детекција на дрога и експлозиви, за спасувачки мисии и за сложени полициски и армиски операции, функционира во услови што вработените ги опишуваат како нехумани. Храната се подготвува под батериски светилки, а дел од смените се извршуваат под пламен од свеќи, слика што поставува сериозни прашања за безбедноста и за ефикасноста на тренинг-програмите.
Според информациите, проблемот со електричната енергија трае со недели, а предупредувањата не вродиле со плод. Одговорните институции играат „пиг-понг“ меѓусебно си ја префрлаат топката, додека центарот фактички е блокиран.
Од Министерството за одбрана уверуваат дека работат на решавање на проблемот:
„Министерството за одбрана заедно со Министерството за внатрешни работи работат на отстранување на проблемот и во текот на следната недела работата на Центарот ќе биде нормализирана. Безбедноста на вработените и на кучињата не е загрозена“, наведуваат од МО.
Но, засега ова е само уште едно ветување на хартија. Од МВР, како по обичај, тишина. До објавувањето на текстот, институцијата не достави никакво објаснување зошто единствениот државен центар за службени кучиња е оставен да функционира во темнина и студ повеќе од еден месец, а кучињата страдаат.
Ситуацијата повторно го отвора прашањето: кој ја презема одговорноста кога системот затајува, а најспецијализираните служби остануваат да „работат“ како во 19 век?





![Ново поскапување преку скалесто плаќање на струјата struja-1-640x427[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/struja-1-640x4271-1.jpg)
