MKinformer

your daily dose of news

Адем Чучуљ едногласно избран за нов претседател на ДКСК со поддршка од сите 82 пратеници

03/12/2025 15:14

Собранието на денешната седница го избра Адем Чучуљ за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Од вкупно присутни 82 пратеници, сите гласаа „за“, обезбедувајќи му едногласна поддршка.

Пратеникот Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО–ДПМНЕ ги охрабри колегите да го поддржат кандидатот, истакнувајќи дека
„Чучуљ навистина може да ги зајакне капацитетите и репутацијата на ДКСК“.

Чучуљ е дипломиран правник со положен правосуден испит и долгогодишен генерален секретар на Комисијата, каде работи веќе 19 години. На селекцијата доби највисоки оценки – 96,5 бодови, при што беше проценето дека има значајно искуство во спречувањето на корупцијата и судирот на интереси, како и јасна визија за развојот на институцијата.

Процедурата за избор започна уште летово, но беше привремено прекината поради локалните избори. Од 13 пријавени кандидати, во потесен избор влегоа 10.

Чучуљ ја заменува Татјана Димитровска, која поднесе оставка поради обвиненија поврзани со случајот „Адитив“, за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

Во продолжение на седницата, пратениците ги избраа Ана Тромбева Гавриловска, Марко Спасов, Мурат Алиу, Бертон Сулејмани, Агим Хазири и Никица Мојсоска Блажевски за членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност.
Исто така беше донесена одлука да се објави јавен оглас за избор на нови членови во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Седницата продолжи со расправа по предлогот за формирање Анкетна комисија за утврдување на околностите околу трагедиите и несреќите во државата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!