MKinformer

your daily dose of news

Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци: Мицкоски единствен кандидат и очекуван реизбор

06/12/2025 10:27

Христијан Мицкоски денеска се очекува да биде реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 18. Конгрес што се одржува во Кавадарци, каде тој е и единствениот кандидат за функцијата. Настанот се одржува под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, а организаторите најавија присуство на околу 2.600 гости, меѓу кои речиси 860 делегати.

Во фокусот на Конгресот е усвојувањето на документот „Стратегија Македонија 2030“, кој според Мицкоски ја претставува долгорочната визија на партијата за развој на државата – од стабилна државност и функционални институции, до модерна економија, дигитална администрација и силно владеење на правото.

Лидерот на партијата истакна дека ова е најмасовниот Конгрес организиран досега и дека ќе има обраќања од повеќе европски и сестрински партии.

Конгресот се одвива по утврдено сценарио – усвојување на дневниот ред, избор на работно претседателство, презентација и гласање за стратегијата, предлог за кандидат за претседател, излагања на делегати, како и разгледување на извештајот за материјално-финансиското работење на партијата. По гласањето, ќе бидат избрани и членови на Статутарната комисија и Комисијата за материјален надзор.

Мицкоски повтори дека ако биде реизбран, ова ќе биде негов последен мандат, согласно статутското ограничување на максимум три мандати за претседател на партијата. Тој додаде дека нема намера да поддржи какви било иницијативи за измена на тој дел од Статутот.

Посебен акцент стави на финансиската стабилност на партијата, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ за првпат функционира без долгови кон банки или други кредитори, за разлика од ситуацијата во 2018 година.

Стратегијата „Македонија 2030“, според ВМРО-ДПМНЕ, ја позиционира партијата како водечка европска и демократска политичка сила. Таа промовира модел на социјална пазарна економија, силно владеење на правото, департизирана администрација, дигитална трансформација, модерни јавни услуги и заштита на македонскиот идентитет.

Делегатите документот ќе го добијат електронски преку QR-код, а на крајот од Конгресот се очекува обраќање на новоизбраниот претседател на партијата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!