Што содржи стратегијата „Македонија 2030“ која ВМРО-ДПМНЕ ја усвои на 18 Конгрес на партијата
08/12/2025 13:13
ВМРО-ДПМНЕ официјално ја промовираше стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“, документ кој според партијата треба да постави јасна рамка за државен развој во следната деценија. Стратегијата, усвоена на 18. конгрес, е претставена како долгорочен модел на управување со цел Македонија до 2030 година да стане „стабилна, силна и институционално зрела држава“.
Партијата нагласува дека документот е одговор на потребата да се напушат дневните импровизации во политиката и да се воспостави предвидлив систем на управување.
„Ова е стратегија што ја гледа Македонија во иднината, а не од денес до утре. Со неа градиме држава која не реагира само во криза – туку планира и води“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
1. Државна и дигитална безбедност
Првиот стожер најавува модерна армија, засилен сајбер-штит и подготовка за хибридни закани.
„Безбедноста е темел на секоја стабилна држава“, велат од партијата.
2. Економска конкурентност и развој
Стратегијата предвидува трансформација кон економија базирана на иновации, технологија и знаење.
Планирани се поддршка за домашни компании, стабилни даночни политики и зелена транзиција во енергетиката.
3. Владеење на правото и силни институции
Документот нагласува независно судство, департизирана администрација и системска борба против корупцијата преку дигитализација.
„Корупцијата ја кочи државата. Ќе се бориме со систем, а не со изолирани акции“.
4. Демографија и младински политики
Воведени се програми за младите, субвенционирано домување, политики за семејствата, како и мерки за поврат на дијаспората и подобра грижа за возрасните.
5. Надворешна политика со „јасни црвени линии“
Стратегијата најавува европски курс, но без отстапки поврзани со идентитетските прашања.
„Да за Европа, но без условувања кои задираат во идентитетот“.
6. Образование, култура и македонски идентитет
Планирани се нови наставни програми, дигитални кампуси, поддршка за науката и заштита на јазикот и културното наследство.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека стратегијата претставува „нова страница во развојот на државата“.
„Македонија знае, може и мора многу повеќе. Ова е државничка визија за силна и европска Македонија“, стои во пораката од партијата.






