СДСМ на 31. Конгрес: Филипче ветува дебата, критичарите отсутни, тензиите остануваат
24/01/2026 11:53
Опозициската СДСМ денеска од 11 часот го одржува својот 31. Конгрес во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, во атмосфера на изразена внатрепартиска криза и јавни несогласувања околу насоката и раководењето на партијата.
Конгресот е поделен на отворен и работен дел, при што по воведните обраќања ќе следи говор на лидерот на СДСМ Венко Филипче, а потоа и затворен дел резервиран за внатрепартиска дискусија и заклучоци.
Од партијата најавуваат дека ќе се разговара за изборниот резултат, причините за поразот и мерките што треба да се преземат во наредниот период. Филипче, кој во последните недели е под силна канонада од критики од истакнати поранешни функционери, за „Дојче Веле“ изјави дека не очекува тензии, туку отворена дебата.
„Очекувам дискусија и реални критики. Конгресот е вистински форум за тоа“, рече Филипче.
❗ Критичарите надвор од салата
И покрај најавите за отворен дијалог, главните критичари на актуелното раководство – поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов и поранешниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски – не се меѓу 740-те делегати поканети на Конгресот.
СДСМ го исклучува Јован Деспотовски од членство во партијата, соработувал со ВМРО и ЗНАМ
Шилегов јавно обвини дека не се испочитувани статутарните процедури, наведувајќи дека делегатите и општинските организации не добиле конгресни материјали, извештаи за изборниот пораз ниту предлог-заклучоци.
„Како ќе се разговара за причините и мерките ако нема извештај за поразот?“, праша Шилегов во интервју за ТВ Телма.
Шилегов најавува преполовување на пратеничката група на СДСМ и внатрепартиски отпор
Од централата на СДСМ („Бихаќка“) пак, Шилегов и Деспотовски беа наречени „квислинзи“ кои, според раководството, се обидуваат да предизвикаат поделби во партијата. За Деспотовски беше најавена и постапка за исклучување.
🔵 Раководството уверува: Конгресот ќе биде успешен
Потпретседателката на СДСМ Јованка Тренчевска изјави дека очекува мнозинството делегати да присуствуваат и дека Конгресот ќе заврши успешно, и покрај обидите, како што рече, „одредени кругови“ да го саботираат.
Конгресот се одржува во момент кога СДСМ се соочува со пад на довербата, внатрешна поларизација и јавни барања за промени во раководството, што го прави овој собир еден од најважните и најчувствителни во поновата историја на партијата.






