50% помалку сообраќајки во Скопје по стартот на „Safe City“ системот
07/12/2025 10:56
Сообраќајните несреќи во главниот град се преполовени откако започна тест периодот на системот „Safe City“, информираат од Итната медицинска помош. Според докторката Ана Џарева, скопските сообраќајки во последните денови се претежно со полесни повреди, без ниту една жртва — што е значајна разлика од минатата недела кога за само 24 часа беа прегазени пет пешаци, четворица на пешачки премин, сите со тешки телесни повреди.
Џарева истакнува дека најчести причини за несреќи се брзото возење, алкохолот и минување на црвено светло. Честите последици, особено во претходниот период, биле тешки повреди со инвалидитет и, за жал, смртни случаи.
Од МВР додаваат дека прекршоците значително се намалуваат во споредба со првото деноноќие, кога системот регистрираше над 100 илјади прекршоци. Министрот за внатрешни работи Панче Тошковски, преку објава на Фејсбук, откри дека и самиот добил известување за прекршок — движење само 1 км/ч над дозволената брзина. „Системот важи за сите без исклучок и привилегија,“ посочи тој, додавајќи дека ова е најдобрата илустрација како треба да функционира државата.






