MKinformer

your daily dose of news

Бран вандализам во Штип: Градоначалникот бара реакции и санкции

09/12/2025 21:43

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, јавно реагираше по зголемениот број случаи на вандализам во градот, оценувајќи ги како сериозен удар врз заедничкото добро и урбаниот изглед на општината.

Како што информира Јорданов, во изминатиот период се забележани бројни оштетувања на јавниот простор, меѓу кои уништени садници, исечени новогодишни сијалички и оштетена урбана опрема.

„Сведоци сме на слики кои никој од нас не сака да ги види. Ваквите постапки не се само вандализам, туку ја нарушуваат сликата на градот и го поткопуваат трудот на сите кои работат за поуредено урбано окружување“, истакна градоначалникот.

Тој упати апел до Секторот за внатрешни работи Штип, да преземе соодветни мерки и санкции против сторителите, нагласувајќи дека ваквото однесување не само што нанесува материјална штета, туку и ја загрозува безбедноста и ја понижува локалната заедница.

Воедно, Јорданов ги повика и граѓаните на поголема свест и одговорност во однос на заштитата на јавниот простор.

„Нашиот град може да биде онаков каков што го посакуваме само ако секој од нас покаже грижа. Само заеднички можеме да го сочуваме јавниот простор и да создадеме средина во која сите се чувствуваме горди да живееме“, порача тој.

Во завршницата, градоначалникот апелираше до жителите да пријавуваат вакви појави доколку ги забележат и активно да придонесуваат за заштита на градот, потенцирајќи дека грижата за Штип е заедничка обврска.

„Нашиот град е наш дом и наша должност е да го чуваме“, заклучи Јорданов.

error: Содржината е заштитена од копирање !!