Израел одобри изградба на 764 нови куќи на Западен Брег, растат меѓународните реакции
11/12/2025 10:28
Израелската влада даде зелено светло за изградба на дополнителни 764 станбени единици во три еврејски населби на окупираниот Западен Брег, потег што, според аналитичарите, може дополнително да ги зголеми тензиите на палестинските територии.
Министерот за финансии Безалел Смотрич соопшти дека Вишиот совет за планирање одобрил 478 нови домови во населбата Хашмонаим, 230 во Бејтар Илит и 56 во Гиват Зеев. Смотрич, кој е познат поддржувач на политиките за проширување на населбите и сам е доселеник, ја оцени оваа мерка како „јасен стратешки потег за зајакнување на населбите и обезбедување континуитет на животот, безбедноста и растот“.
Со овој последен чекор, бројот на одобрени станбени единици на Западниот Брег откако Смотрич ја презеде функцијата достигна 51.370.
Најголемиот дел од меѓународната заедница и понатаму ги смета овие населби за незаконски според меѓународното право. Советот за безбедност на ОН има усвоено повеќе резолуции со кои го осудува нивното ширење.
Од палестинска страна пристигна остра реакција. Портпаролот на претседателот Махмуд Абас, Набил Абу Рудејне, го осуди потегот, оценувајќи дека се работи за политика што „го турка регионот кон нов циклус на насилство и војна“. Тој побара од американската администрација да изврши притисок врз Израел за запирање на изградбата, „со цел да се поддржат напорите на претседателот Доналд Трамп за ставање крај на војната и обезбедување стабилност во регионот“.






