Тошковски предупреди: „Сејф Сити“ ќе казнува и на зелено, 45 евра ако ја блокирате раскрсницата
20/02/2026 9:08
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 појасни како ќе функционира системот „Сејф Сити“ во ситуации кога возило влегува на зелено светло, но поради метеж останува заглавено на сред крстосница.
Тошковски објасни дека ваквите случаи нема да се третираат како поминување на црвено светло, туку како посебен сообраќаен прекршок, забавување или отежнување на движењето во рамки на крстосница.
„Тој сообраќаен прекршок има друг третман, нема да има третман како поминување на црвено, туку како забавување или отежнување на движењето во рамки на крстосница, кој е посебно дефиниран. Мислам дека казната е 45 евра“, изјави министерот.
Според него, возачите се должни однапред да проценат дали сообраќајот ќе овозможи непречено минување низ крстосницата, дури и кога семафорот покажува зелено светло.
Тошковски посочи дека во тест-периодот имало случаи кога камерите евидентирале прекршок како поминување на црвено, иако возачите влегле на зелено светло. Системот, како што рече, е прилагоден и ваквите ситуации повеќе нема да се третираат како поминување на црвено светло.
„Тоа го отстранивме и прекршокот нема да биде констатиран како поминување на црвено, туку како ‘угушување’ на крстосница“, додаде Тошковски.



