MKinformer

your daily dose of news

„Државни патишта“ должи вртоглави една милијарда и сто милиони евра

11/12/2025 16:30

Јавното претпријатие за државни патишта продолжува со отплатата на крупните кредити кон кинеската Ексим банка, обезбедени за изградбата на автопатите Кичево–Охрид и Миладиновци–Штип. Овие заеми се најголемиот товар во финансиските обврски на ЈПДП, по кои следуваат долговите кон Светска банка, ЕБОР и домашните кредитори.

Според најновиот финансиски извештај, вкупните обврски на претпријатието во последниот квартал од 2024 година достигнале 66 милијарди денари, односно околу 1,1 милијарда евра – раст од 10 проценти за една година. Повеќе од 200 милиони евра се краткорочни задолжувања што треба да се подмират до крајот на годинава, вклучувајќи обврски кон добавувачи, аванси, депозити и кредити.

Долгорочните обврски изнесуваат 878 милиони евра и се финансираат од приходите од патарини, акцизи на гориво, наплатата при регистрација на возила и други услуги на ЈПДП. Инвестициите за проектите на „Бехтел и Енка“ се водат посебно како расходи покриени со буџетски средства.

Паралелно, претпријатието планира нови задолжувања за проектите Скопје–Блаце и Кичево–Букојчани, за кои изборот на изведувачи се очекува овој месец, а воведувањето во работа најдоцна на пролет.

ЈПДП веќе ја финализираше проектната документација за првата траса на експресниот пат што го поврзува Коридорот 10 со Коридорот Струма во Бугарија, на релацијата Смоквица – Валандово – Струмица – Ново Село – граничен премин. Проектот за втората траса е во напредна фаза и се бара модел за финансирање, потврди вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

Тој додаде дека во Струмица се во тек бројни инфраструктурни активности, меѓу кои изградба на две поголеми улици, десет проекти во фаза на избор на изведувач и уште два преку Министерството за животна средина. Според Николоски, вкупно 14 големи проекти ќе ја засилат локалната инфраструктура, а Владата ќе продолжи со поддршка и во следниот период.

error: Содржината е заштитена од копирање !!