Раст на задолжувањето: Kредитите пораснаа за 13%
21/01/2026 14:58
Народна банка го објави најновиот Извештај за монетарните движења во државата за декември 2025 година, кој покажува силен раст кај кредитите, пред сè како резултат на активноста на домаќинствата и корпоративниот сектор.
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, при што најголем придонес има растот на депозитите на секторот домаќинства, но е забележан и пораст кај депозитите на компаниите. Овој тренд укажува на зголемена доверба во банкарскиот систем и поголема ликвидност кај населението.
Во исто време, вкупните кредити бележат годишен раст од 13,0%, како резултат на зголеменото кредитирање и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор, со нешто поизразен придонес токму од компаниите.
Во декември, кредитите одобрени на домаќинствата остварија месечен раст од 0,9% и годишен раст од 10,9%, што се должи на зголемувањето и на денарските и на девизните кредити, при што доминираат кредитите во домашна валута.
Според намената на кредитите за физички лица, потрошувачките и станбените кредити остануваат најзастапени. Во декември тие забележаа месечен раст од 1,4% и 1,7%, со годишен раст од 10,6% и 15,8%. Автомобилските кредити, пак, се намалија за 2,1% на месечно ниво, но на годишна основа сепак бележат раст од 1,3%.
Кредитите преку кредитни картички продолжуваат да се намалуваат, со месечен пад од 1,0% и годишен од 5,5%. Намалување е регистрирано и кај негативните салда на тековните сметки, како и кај кредитите одобрени врз други основи.
Од страната на штедењето, вкупните депозити на домаќинствата во декември се зголемени за 3,6% на месечно ниво, речиси целосно поради растот на депозитните пари. Краткорочните депозити бележат помал раст, додека долгорочните депозити се намалени.
На годишна основа, депозитите на домаќинствата пораснале за 12,1%, главно поради зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута.
Податоците од Народната банка укажуваат на динамичен крај на 2025 година за банкарскиот сектор, со зголемена кредитна активност и стабилен раст на штедењето.





