Драма на патот Охрид–Струга: Два пати со различен автомобил пробал да прегази полицајци
13/12/2025 20:10
Двајца млади лица од Охрид се приведени по сериозен инцидент што се случи на регионалниот пат Охрид–Струга, откако возачот на автомобилот во кој се наоѓале се обидел да избегне полициска контрола и со возилото се упатил директно кон полициски службеници, информира СВР Охрид.
Настанот се случил вчера околу 16 часот, кога криминалистичка патрола се обидела да запре патничко возило „Фолксваген Поло“ со охридски регистарски ознаки. Возилото го управувал Е.О. од Охрид, а во него се превезувале и двајца сопатници – А.А. (20) и Ј.Ј. (24).
Наместо да застане, возачот нагло забрзал и се движел директно кон полицајците, по што избегал од местото. По кратка потрага, полициските екипи ги пронашле и уапсиле сопатниците во селото Требеништа, на подрачјето на општина Дебрца.
Инцидентот добил нова драматична димензија кога, по извесно време, возачот повторно се појавил, овојпат управувајќи возило „Фолксваген Туран“. И во овој случај, тој со голема брзина се упатил кон полициските службеници и повторно успеал да побегне.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека интензивно се трага по возачот, а се преземаат и дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.


![Тетовец се обидел да прегази полицајци, па се дал во бегство, полицијата пykала во воздух policija-mk-777x437-225346[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mk-777x437-2253461.jpg)


