Под сомнежи за поткуп од десетици илјади евра, уапсен поранешниот државен правобранител Фехми Стафа
14/12/2025 1:03
Поранешниот државен правобранител на Република Македонија, Фехми Стафа, вечерва бил лишен од слобода во рамки на полициска акција, дознаваат медиумите. Апсењето на поранешниот висок функционер, кој во минатото беше задолжен за заштита на државниот имот, отвора сериозни сомнежи за можни злоупотреби на службената положба.
Иако засега нема официјално соопштение од надлежните институции, првичните информации упатуваат на сериозни индиции за корупција. Според неофицијални и сè уште непотврдени сознанија од истрагата, Стафа е приведен поради основано сомнение за кривично дело примање поткуп.
Извори блиски до истражните органи брифираат дека станува збор за износ од неколку десетици илјади евра, кои наводно биле побарани или примени за извршување или неизвршување на службено дејствие. Во овој момент не се познати дополнителни детали за околностите под кои е извршено апсењето, ниту дали во случајот се инволвирани и други лица.
Се очекува Министерството за внатрешни работи и надлежното Јавно обвинителство во текот на ноќта или утрешниот ден да излезат со официјални информации и со правна квалификација на делото.
Фехми Стафа на функцијата државен правобранител беше именуван како предлог на партијата Алтернатива, а во јавноста често се поврзуваше и со Демократската унија за интеграција (ДУИ). Во минатото, против него биле поднесени и повеќе пријави до Финансиската полиција. Институцијата со која тој раководеше има клучна улога во заштитата на имотните и правните интереси на државата пред судовите и управните органи.





