За притвор на судија потребни се 7 гласа во Судскиот совет: За Ѓоко Ристов засега нема барање
19/01/2026 11:25
Согласно член 104 од новиот Закон за Судски совет, Судскиот совет со најмалку седум гласа „за“ од вкупно 13 членови со право на глас може да даде согласност за определување притвор на судија и да му го одземе имунитетот. Исклучок постои само доколку судијата биде затечен при извршување кривично дело за кое е пропишана затворска казна од најмалку пет години.
Во истиот член е наведено дека постапката по барање за притвор е итна и мора да биде спроведена во рок од 24 часа од моментот на доставување на барањето до Судски совет на Република Македонија.
Сепак, како што информираат надлежните институции, до овој момент до Судскиот совет не е доставено официјално барање од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за одобрување притвор.
Од Обвинителството соопштуваат дека истражната постапка продолжува и дека јавниот обвинител, врз основа на сите собрани докази и околности, во наредните денови ќе одлучи дали ќе побара притвор или некоја друга мерка за обезбедување присуство.
„Се продолжува со постапувањето и јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување присуство на осомничениот, за што навремено ќе информираме“, соопштија од ОЈО ГОКК.
Станува збор за апелацискиот судија Ѓоко Ристов од Апелационен суд Скопје, во чиј семеен дом во Неготино, при претрес спроведен од припадници на Министерство за внатрешни работи и ОЈО ГОКК, биле пронајдени околу 350.000 евра скриени во ѕид.
Од Обвинителството информираа дека постојат основани сомнежи оти пронајдените пари се незаконски стекнати. Оваа постапка претставува проширување на истрагата започната на 14 декември, кога беше осомничен адвокатот и поранешен народен правобранител Фехми Стафа за кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
По примањето на парите, Стафа беше лишен од слобода, а кај него беа пронајдени и одземени паричните средства. Во меѓувреме, судијата Ристов засега останува на слобода, додека институциите ги координираат следните чекори во една од најсериозните истраги за висока корупција во судството.






